Трагедијата во ски-центарот Карталкаја го потресе регионот, откако бројот на загинати во пожарот што го зафати хотелот Гранд Картал се искачи на 76 лица, додека повредени се 51 лице, од кои најмалку едно е во критична состојба. Во моментот на несреќата, хотелот бил речиси целосно исполнет со 238 гости.

Безбедносни пропусти

Несреќата дополнително ја отежнале сериозни пропусти во безбедносните мерки, како нефункционални аларми за опасност и недостиг на противпожарни скалила. Според изјавите на преживеаните, паниката настанала брзо, бидејќи гостите не биле насочени како правилно да се евакуираат. Многумина од повредените скокале од прозорци и тераси за да се спасат, додека дел од нив се обидувале да се симнат користејќи чаршафи.

Причини за пожарот

Првичните истраги укажуваат дека пожарот избувнал на четвртиот кат, а неговото брзо ширење било предизвикано од дрвените облоги кои биле поставени за да му дадат естетски изглед на хотелот. Овој дизајнерски избор се покажа како фатален, бидејќи го потпомогнал ширењето на огнот низ целиот објект. Турските власти веќе започнаа обемна истрага за утврдување на причините и евентуалната одговорност за трагедијата.

Приведени лица и реакција од властите

Турското Министерство за внатрешни работи потврди дека девет лица се приведени, меѓу кои се менаџери на хотелот и други одговорни лица. Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, истакна дека локацијата на хотелот на рид дополнително го отежнала пристапот на противпожарните служби, што влијаело врз брзината на интервенцијата.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази жалење за трагедијата и најави строги мерки за да се спречат вакви несреќи во иднина. Во меѓувреме, специјално владино тело забрани емитување на видеата од трагедијата во домашните медиуми, додека на социјалните мрежи продолжуваат да се споделуваат снимки од местото на настанот.