Модернизација на сообраќајната инфраструктура
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес беше во Општина Бутел, на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, каде што најави изградба на кружен тек – проект што ќе стави крај на сообраќајниот хаос во овој дел од градот.
„Овој проект е дел од пошироката стратегија за зголемена безбедност и уреденост во сообраќајот низ целиот град. Преку редизајн на 50 критични крстосници и улици, Скопје ќе се движи кон целта ‘Нула фатални несреќи до 2030 година’“, изјави Ѓорѓиевски.
Паралелно со кружниот тек, ќе се реконструираат улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, каде ќе се постави нов асфалт, дренажа, пешачки патеки и современо улично осветлување. Ќе се изгради и атмосферска канализација за решавање на долгогодишниот проблем со поплавите.
Подобра поврзаност и регионален развој
Ѓорѓиевски најави и проект за поврзување на улицата „Бутелска“ со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, што ќе овозможи побезбеден и пофункционален влез и излез од Бутел.
Посебно значење, како што истакна, има реконструкцијата на Стариот Качанички пат кај Визбегово, кој ќе придонесе за развој на Економската зона Визбегово и отворање нови работни места.
Во координација со соседните општини, ќе се реализираат и два големи проекти – проширување на булеварот „Цветан Димов“ во Чаир и изградба на булеварот „Хрватска“ во Гази Баба, со што ќе се растовари сообраќајниот метеж и ќе се зголеми безбедноста во движењето.
Нов мега парк и зелени коридори
Покрај инфраструктурните зафати, Ѓорѓиевски најави и изградба на нов мега парк долж булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“. Паркот ќе вклучува зелени површини, детски игралишта, фитнес зони и пешачки патеки, а запуштениот простор ќе се претвори во модерна рекреативна зона.
Меѓу долгорочните проекти се издвојува и рекултивацијата на реката Серава, која ќе се уреди со зелени коридори, автохтона вегетација и јавни содржини, претворајќи ја во чист и достапен простор за граѓаните.
„Овие проекти не се изолирани мерки, туку дел од јасна и системска визија за Скопје кое расте со план, се развива безбедно и во корист на граѓаните,“ порача Ѓорѓиевски.