Ѓорѓиевски повикува на единство и заедничка борба за достоинствено и модерно Скопје
Орце Ѓорѓиевски денеска официјално ја поднесе својата кандидатура за градоначалник на Скопје пред Државната изборна комисија, најавувајќи борба за „достоинствен, модерен и чист“ град.
„Денес, со голема чест и уште поголема одговорност, ја поднесов мојата кандидатура за градоначалник на Скопје пред ДИК. Овој ден е нашата заедничка борба за Скопје какво што сите го сакаме: достоинствено, модерно, чисто и полно со живот!“ – напиша Ѓорѓиевски на својата Фејсбук страница.
Тој изрази благодарност кон својата партија и кон претседателот Христијан Мицкоски:
„Благодарам на мојата матична партија за довербата, на претседателот Христијан Мицкоски за несебичната поддршка и на секој еден од вас кој верува дека Скопје може и мора да биде подобро.“
Ѓорѓиевски истакна и повик за обединување на сите граѓани:
„Сега е моментот да се обединиме! Подавам рака на сите кои Скопје го сакаат како свој град! Подавам рака да го направиме Скопје симпатично, пристојно и убаво место за живеење! Подавам рака за Скопје на сите негови граѓани!“
Тој додаде дека градот треба да биде „нашата гордост и дом за сите генерации“ и најави дека продолжува силно со својата кампања:
„Заедно, со енергија, визија и решителност, ќе го изградиме градот кој ќе биде нашата гордост и дом за сите генерации. Продолжуваме силно – за Скопје кое го заслужува најдоброто!“