Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, извршија увид во големата и сеопфатна акција за реконструкција на пешачките патеки во Скопје.
Во моментов се работи на пешачката патека долж улицата „Ѓорче Петров“, во должина од 4 километри, простор кој секојдневно го користат илјадници граѓани, ученици, родители, повозрасни лица и велосипедисти.
„Оваа патека беше една од најбараните од граѓаните, затоа што се наоѓа во исклучително фреквентна зона која со години беше оставена во лоша состојба. Раскопана патека, небезбедно движење, запуштен простор и слики кои не му прилегаат на главниот град – сето тоа конечно станува минато“, посочи Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Паралелно со реконструкцијата, тој додаде дека ќе градат и зелени коридори долж улицата со нови дрвја, зеленило и уредени површини кои ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и попријатен простор за движење.
„Скопје мора да биде град во кој пешачењето е нормален, безбеден и достоинствен дел од секојдневието. Продолжуваме со интензивна реконструкција на пешачките патеки, со подобрување на велосипедската инфраструктура и со изградба на нови современи решенија. Скопјани заслужуваат функционален, уреден и европски град кој ги става луѓето, нивната безбедност и нивното секојдневие на прво место“, порача градоначалникот.
