Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски започнува голема теренска посета во сите скопски општини.
„Скопје се гради со работа, со збор што се исполнува и со гласот на граѓаните. Вашиот глас, вашите потреби и вашите барања се нашата водилка во визијата за достоинствено, уредено и модерно Скопје. Затоа, започнуваме досега најголема теренска посета низ сите скопски општини. Доаѓаме директно кај вас, во вашата општина. Ќе ги слушнеме проблемите од лице место, ќе направиме увид во проектите што се започнати, ќе разговараме за она што треба да се реализира и ќе ги решаваме работите таму каде што најмногу значат, меѓу граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.
Заедно со него, Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат и директорите на јавните претпријатија на Град Скопје, како и претставници од градските сектори, за граѓаните директно да постават прашања, да дадат предлози и да добијат конкретни одговори, но и брза реакција, брзо решение.
Ѓорѓиевски додава дека теренот бил негова природна средина, меѓу народот, очи во очи со граѓаните.
„За само шест месеци успеавме да откочиме, започнеме и реализираме бројни проекти кои со години беа заборавени, заглавени или оставени без волја за работа. Денес, Скопје е големо градилиште. Град во кој се работи, се создава и се испишува нова историја – поубава, посилна и подостоинствена за секој скопјанец“, нагласи градоначалникот.
Големата теренска посета ќе ја започне утре во 19:30 часот од Кисела Вода – Дом на култура „Билјана Беличанец“.
