Во Заедницата на единиците на локалната самоуправа денеска се одржала седница на Управниот одбор, на која било разговарано за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, но и за конкретни решенија и одлуки насочени кон унапредување на локалната самоуправа и подобрување на услугите за граѓаните.

Градоначалникот на град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека меѓу поважните точки било разгледано барањето на Стопанската комора во однос на измените на Законот за комуналните такси, како и текстот на меморандумот за соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет.
– Разговаравме и за одржувањето на Генералното собрание на ЗЕЛС, предвидено за средината на декември, како важен простор за заедничко утврдување на идните приоритети на локалната самоуправа. ЗЕЛС останува силен глас и партнер на општините, место каде што заеднички ги отвораме прашањата што ги засегаат локалните заедници и создаваме решенија што треба да донесат поефикасни, посилни и пофункционални општини – напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
