Европратеникот смета дека секоја земја треба да напредува кон членство според сопствените реформи и заслуги

Генералниот секретар на Европската демократска партија (ЕДП) и член на Европскиот парламент, Сандро Гоци, оцени дека идејата на српскиот претседател Александар Вучиќ Западен Балкан да влезе во Европската Унија како целина не е прифатлива.

Гоци порача дека проширувањето на ЕУ мора да продолжи според индивидуалниот напредок на секоја земја кандидат и дека државите кои спроведуваат реформи не смеат да бидат успорени поради оние кои не ги исполнуваат условите.

„Предлогот на претседателот Вучиќ, даден во неговото интервју за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ во вторникот, за воведување на Западниот Балкан во Европската унија (ЕУ) како единствен блок е неприфатлив“, изјави Гоци.

Црна Гора и Албанија не смеат да бидат запрени

Според европратеникот, ЕУ отсекогаш се водела од принципот дека секоја земја кандидат се оценува според сопствените резултати и исполнувањето на критериумите за членство.

Тој нагласи дека овој принцип ги наградува државите кои спроведуваат тешки реформи и не треба да биде нарушен поради политички барања од лидери кои, според него, не се движат во иста насока со европските вредности.

„Сакаме Западен Балкан што поскоро да се приклучи на ЕУ. Но, Црна Гора, Албанија и секој друг кандидат што навистина напредува преку реформи не смее да биде запрен, затоа што Србија на Вучиќ се движи во спротивна насока – ги еродира демократските институции, ги заплашува политичките противници и независните медиуми, толерира политичко насилство и одбива да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Гоци, според соопштението од неговата партија.

Тој додаде дека Вучиќ не може да го користи регионот како средство за оправдување на сопствените политички неуспеси.

„Претседателот Вучиќ не може да го користи регионот како штит за сопствените неуспеси или да ја држи европската иднина на своите соседи како заложник“, изјави Гоци.

Вучиќ претходно повика Западен Балкан да влезе заедно во ЕУ

Гоци оцени дека земјите кои се посветени на реформите мора да имаат можност да продолжат напред, додека државите кои не се усогласуваат со европските стандарди не можат да очекуваат другите да ги сносат последиците.

„На земјите што спроведуваат реформи мора да им се дозволи да напредуваат. Оние што им вртат грб на европските вредности не можат да очекуваат другите да го носат товарот на последиците“, додаде тој.

Претходно, Вучиќ во интервју за „Фајненшл тајмс“ предложи Западен Балкан да биде примен во Европската Унија како единствена целина.

„Ако сите влеземе заедно, нема да има граници меѓу Приштина, Белград и сите други… Регионот треба да биде обединет. Не да стане нова зона на конфликт меѓу луѓето што влегуваат во ЕУ и оние што се сè уште далеку од неа“, изјави Вучиќ.