Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ е новиот градоначалник на Кисела Вода.
Според официјалните податоци од ДИК, тој освоил 52,50% од гласовите или во бројка тоа се 14.691 глас.
Неговиот противкандидат и досегашен градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски од СДСМ, добил 27,48% од гласовите.
Тимчо Муцунски е новиот градоначалник на општина Аеродром. Тој убедливо го порази Александар Филиповски од СДСМ и со тоа освои победа во првиот круг.
-Почитувани граѓани на Општина Аеродром, Преку оваа денешна објава со сите вас го споделувам чувството на задоволство и радост за големата победа која ја извојувавме заедно и со силна верба во една поубава и просперитетна иднина. Посебно се заблагодарувам на моето политичко семејство ВМРО-ДПМНЕ за дадената доверба, на моето семејство, мојот тим, другари, пријатели, комшии, граѓаните на општина Аеродром и на целата моја татковина за нивните добронамерни совети, безрезервната поддршка и вербата во мене во текот на целата кампања. Во текот на изминатите дваесетина дена се обидував да внесам еден поинаков дух во водењето на политичката кампања, коректен и професионален однос кон политичките конкуренти и зголемен степен на внимание и почит кон граѓаните и нивните идеи и желба за промени. Упатувам благодарност и кон другите кандидати и конкуренти во трката за градоначалник на општината Аеродром, за нивниот вложен труд во текот на кампањата, за активното учество во политичките дебати и понудените идеи и проекти. Како во текот на кампањата така и денес кон моите политички противници гледам здрава и силна конкуренција и натпреварувачи на кои заедничката цел им е обезбедување на поубав, поквалитетен и просперитетен живот во нашиот простор на заедничко живеење. Затоа, им посакувам успех во извршувањето на нивните сегашни и идни професионални задачи. Во време на присутна пандемија, енергетска криза, почеток на нова економска и финансиска нестабилност, присутни секојдневни последици од климатските промени и пад на моралните вредности, од сите нас се очекува да покажеме вистинска волја и подготвеност за соочување со сите предизвици, но и поголема ангажираност и национално единство за ургентно решавање на сите прашања кои посредно или непосредно влијаат на веќе девастираниот стандард на нашите граѓаните. Токму во наведената насока овие избори граѓаните јасно покажаа дека е крајно време за ефикасни и квалитетни промени во нашето современо општество, но и дека е минато времето на лажни и неисполнети ветувања. Почитувани мои сограѓани, Вашата јасно изразена волја создава сериозна обврска за исполнување на вашите очекувања и реално остварување на заедничките високо поставени цели и задачи, напиша на Фејсбук, Муцунски.
Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ го порази актуелниот градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски од СДСМ.
Новиот градоначалник освои 52,79% од гласовите на жителите на Бутел.
Голема победа ВМРО-ДПМНЕ има и во скопската општина Гази Баба. Бобан Стефковски стана нов градоначалник освојувајќи 60% од гласовите. Тој го порази актуелниот градоначалник од СДСМ, Борис Георгиевски со двојно повеќе гласови. Кандидатот на СДСМ доби поддршка од 29,49%.
ВМРО-ДПМНЕ победи и во Илинден.Нивниот кандидат Александар Георгиевски е новиот градоначалник откако освои 53,42% од гласовите.
Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ останува градоначалник на Петровец. Тој на вчерашните избори убедливо ги победи противкандидатите, освојувајќи 63,84% од гласовите на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ со убедливо водство победи во Сопиште. Стефче Трпковски победи со 65,03% од гласовите, а кандидатот на СДСМ Сашо Стојановски освои само 29,67% од довербата.