Најмалку еден цивил го загуби животот, а неколку други лица се повредени во нови вооружени престрелки долж границата меѓу Пакистан и Авганистан. Инцидентот се случил откако авганистанските сили истрелале артилериски гранати врз пограничната територија.
Судирите започнале во текот на ноќта во областа Јужен Вазиристан, каде дел од проектилите завршиле директно во населени подрачја и на локален пазар. Пакистанската полиција соопшти дека ранетите лица веднаш биле префрлени во регионалната болница, каде лекарите се борат за животот на неколку пациенти во критична состојба.
Пакистанските безбедносни единици возвратиле со артилериски оган, а судирите продолжиле до раните утрински часови. Авганистанското Министерство за одбрана преку соопштение тврди дека пакистанските трупи први отвориле оган, по што нивните сили дејствувале во одбрана.
Тензиите меѓу Исламабад и талибанската администрација во Кабул траат подолго време. Пакистанските власти тврдат дека милитантната организација Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП) наоѓа засолниште на авганистанска територија од каде организира напади, додека официјален Кабул ги отфрла обвинувањата и порачува соседот да ги реши сопствените безбедносни проблеми.
„Хајбер-Пахтунхва жртвуваше илјадници животи во борбата против тероризмот и нема да дозволиме никој да му се заканува на нашето население или да ја поткопува нашата безбедност“, напиша на социјалните мрежи гувернерот на провинцијата Хајбер-Пахтунхва, Фајсал Карим Кунди.
Според евиденцијата на Обединетите нации, во изминатите дванаесет месеци во Авганистан се регистрирани 512 цивилни жртви како резултат на прекуграничните судири и воздушните напади.
