Европската Унија и Пакистан денеска упатија заеднички повик за продолжување на дипломатските напори и дијалогот со цел да се стави крај на конфликтот на Блискиот Исток, оценувајќи дека дипломатијата претставува единствено одржливо решение за воспоставување мир и стабилност.

Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, се сретна со пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар на маргините на 33. Регионален форум на АСЕАН во Манила, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.

На средбата било разговарано за актуелната безбедносна состојба во регионот, при што двајцата соговорници нагласиле дека континуираниот дијалог и дипломатијата остануваат единствениот остварлив и долгорочно одржлив пат кон мирот, особено во контекст на односите меѓу САД и Иран.

Нивниот повик доаѓа во период на обновени судири меѓу САД и Иран, и покрај тоа што двете земји минатиот месец потпишаа Меморандум за разбирање во Исламабад.

Калас и Дар разговарале и за пошироките последици од кризата врз регионалната безбедност, глобалните енергетски пазари, поморската безбедност, трговијата и синџирите на снабдување. Притоа ја истакнале важноста од почитување на меѓународното право и продолжување на дипломатскиот дијалог.

Воедно, двајцата соговорници ја потврдиле заедничката заложба за понатамошно унапредување на соработката во рамките на Стратешкиот план за ангажман меѓу Европската Унија и Пакистан.

Дар ја повторил и посветеноста на Пакистан кон целосна примена на сите меѓународни конвенции што ја сочинуваат рамката ГСП+, нагласувајќи дека земјата му придава големо значење на економското партнерство со Европската Унија.