Благоја Котески од тетовското село Доброште е меѓу оние што веќе неколку години не одгледуваат грав. Се одлучил на тој чекор бидејќи драстично бил намален родот на оваа култура.
– Се откажуваат луѓето, гравот е „оболен“ веќе. Не раѓа воопшто веќе. Завчера зборев со жилчани, кои работат грав. Водата им е блиску, нема вика, семето го нема што сме го посеале. Јас до пред три години и пол години имав една нива од три и пол декари. Просек на декар било од 80 до 120 килограми. Максимално имало и до 150 килограми. Сум можел да најдам и до 300/400 килограми. Меѓутоа, за жал, сега климатските услови и особено високите температури, кои се несоодветни за гравот и пченката и за многу други земјоделски култури, придонесуваат тие да не бидуваат, објаснува искусниот земјоделец.
Тој вели дека не помага ниту поинтензивното наводнување.
– Ние ги наводнуваме, коренот добива вода така како што треба, ама одозгора над земјата, на овие високи температури над 40 степени, одозгора надолу нема никаква влага и гравот се суши. Може и да не се суши, ја гледаш мешунката бела по боја и добра на изглед, но кога се отвора внатре грав нема. Тоа значи дека не се ни раѓа или, пак, се суши зрното грав. Или, пак, може да има некои мали зрнца со големина како песок. Чаре за ова нема. Сме пробале да прскаме со разни лекови за уништување разни мушички. Имало пример некои бубачки, инсекти, сме пробале со разни прскања со земјоделски лекови што се прскаат разни култури, за уништување мушички, но немало ефект, вели Благоја.
Котески потенцира дека земјоделците кои во Тетовско гравот го засадуваат заедно со пченката се откажуваат и од оваа култура.
– Така што ако пченка посадиш и не најдеш грав, ако пченката не е за сточна исхрана, џабе е нејзиното садење. Инаку, само пченка да се сади нема сметка за тоа. Осумдесет отсто од населението во Доброште не сади ни пченка, ни грав. Воопшто, сè повеќе ги нема земјоделците, младите не сакаат да работат. Полето овде во тетовско Доброште има над 1000 хектари плодно обработливо земјиште, а од нив само 50 хектари сега се обработува. Другото е само ливади, лонџа, трња, зараснато и пусто, нема ништо, а порано сме живееле од тоа, се потсетува 72-годишниот човек од Доброште.
Нашиот соговорник има три сина, но само едниот му помага во земјоделските работи. Другите двајца не живеат во Доброште. Тоа што младите лица не работат земјоделство, според соговорникот, е една од причините за девастација на оваа дејност. Затоа работите се менуваат.
– Пред три и пол години кога видовме дека нема веќе добар род од гравот, започнавме со одгледување лешници. Порентабилно е. Што и да излезе помалку има работа и така повеќе ќе извадам со лешникот отколку со гравот и пченката. Пченката најмалку пет треба да се вади, два пати да се копа, да се прска, многу работа. И гравот да го прскаш. Ако грав нема во пченка да набереш да продадеш, да го извадиш трошокот од пченката, од орање, од вадење, џабе е пченката, десет до 12 денари е килограм пченка. Лешникот каде каде помалку работа, со една бразда, со вода од планина што тече, не ми треба ни систем капка по капка, сè е природно, вода од планина, многу сум задоволен, од 4-5 години треба да има и род за продавање. Со лешникот нема толку работа, трошоци, а и нема кој да работи. Младите побегнаа, од трите сина само едниот е во село со куќа, ама никој не работи земјоделство, раскажува Благоја Котески.
Тој сега нема грав ниту за него дома. Принуден е да набави во продавница.
– Немам ништо грав, купувам. Цело село, не само јас, и тие што посадиле немаат, па купуваат од продавници увозен. На пазар не можеш да најдеш. По пријатели сум прашувал нема во ниедно село грав доволно, вели Благоја.
И на тетовскиот пазар овој период кога завршува бербата на гравот тешко се наоѓа оваа култура. Таму каде што има се продава и за повеќе од 300 денари од новата реколта, додека ланскиот може да се купи и за 150 денари.
Стручните лица од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, подрачна единица Тетово, објаснуваат дека во време на цветањето, доколку се појават високи температури и слаба релативна влажност, доаѓа до отфрлање на цветот и последица да не врзе, односно да не плодоноси гравот. Исто така потенцираат дека во тој дел од процесот на одгледување на гравот, земјоделците немаат можност директно да влијаат, туку зависат од временските пригоди.
И стручните лица и производителите велат дека површините се намалуваат и поради немањето организиран откуп на гравот, како на пример, со праските. Земјоделците претежно гравот го продаваат на зелените пазари, а само ретки одгледувачи успеваат да пласираат поголемо производство во странство.
Гравот се сее кон крајот на април и почетокот на мај, а се бере почнувајќи од последните денови на август, но и во текот на септември.
Гравот тетовец е препознатлив дека по варењето ја задржува компактноста, па лушпата малку се одделува од зрното. Заштитен е во Државниот завод за индустриска сопственост со неговото географско потекло и карактеристики.