Атина ја признава руската вакцина „Спутник V “, како и европските вакцини, а руските туристи ќе можат да дојдат во Грција од 14 мај, изјави грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, пренесува „Спутник“.
Во интервју за РИА Новости, тој рекол дека вакцинацијата не е задолжителна за туристите кои сакаат да одат во Грција, но дека ќе ги спаси од цела низа формалности.
За да влезете во Грција од Русија, треба или да се вакцинирате, или да направите негативен тест за вирусот корона или да имате антитела. Не е задолжително да се вакцинираат, но луѓето кои биле вакцинирани нема да мора да поседуваат негативен тест и нема да бидат подложени на проверки, објаснил грчкиот министер.
-Ние навистина сакаме нашите браќа од Русија да можат да ја посетат нашата земја, ние ја признавме „Спутник V“ пред Европа да го стори тоа, рекол Теохарис и најавил дека на 14 мај Грција ќе ги отвори границите за Русија.
„Нашата земја одлучи дека за нас „Спутник V“ е еднаква на европските вакцини при патување, така што туристите можат да влезат во нашата земја без да мора да прават тестови“, рекол министерот.