Вакцинацијата на децата ќе започне во среда, денеска се очекува во Грција да пристигнат специјалните вакцини на Фајзер, кои се помала доза од вообичаената и се наменети за конкретната група од пет до 11 години, а пријавувањето започна во петокот.

За процесот на имунизација во земјата, Иконому рече дека е „позитивен фактот што од соопштувањето на задолжителната вакцинација на лицата над 60 години и намалувањето на периодот помеѓу втората и третата доза од шест на три месеци, се забележува континуиран зголемен интерес, како за првата, така и за третата доза“, а веќе има 100.000 вакцинации или термини за вакцинација со прва доза.

Повикувајќи се на податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, Иконому објасни дека не е регистриран смртен случај на лице заразено 14 дена по примената трета доза.

Во однос на епидемиолошката ситуација во земјата рече дека постепеното зголемување на имунизациската покриеност резултира со подобрување на состојбата, меѓутоа истакна дека продолжува притисокот врз здравствениот систем и порача дека во пресрет на празниците, потребно е почитување на мерките и вакцинација.

– Пред сѐ и во секој случај неопходна е целосна вакцинација, како и третата доза за нас кои пред најмалку три месеци ја завршивме вакцинацијата. Како што имам потенцирано, божиќниот период е многу важен од религиозни, економски и социјални причини, истакна Иконому.

За евентуално проширување на задолжителната вакцинација и на лица под 60 години или за можноста да се воведат нови мерки, портпаролот на грчката Влада рече дека „во актуелната фаза не разгледуваме нови мерки, без разлика дали се однесуваат на задолжителната вакцинација или други видови ограничувања“.