Грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас изјави дека членството на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е неопходен предуслов за долгорочен мир и стабилност во регионот.
Во обраќање пред припадниците на грчкиот контингент на КФОР во Косово, тој нагласи дека Грција со децении ја поддржува т.н. „Солунска агенда“, која предвидува интеграција на регионот во ЕУ.
„Сметаме дека стабилноста и мирот на Балканот како апсолутно неопходен предуслов го имаат влезот на државите од Западен Балкан во Европската Унија“, рече Дендиас.
Тој посочи дека оваа позиција е конзистентна и не зависи од политичките гарнитури во Грција, туку претставува долгорочна стратешка цел.
Дендиас истакна дека присуството на грчките сили во рамки на КФОР придонесува за безбедноста и стабилноста во регионот, што, според него, е предуслов за реализација на европската перспектива на Западен Балкан.
