-Нашите граѓани немаат што повеќе да направат, што повеќе да придонесат, што повеќе да жртвуваат за европскиот сон, поради тоа што ги направивме сите потребни и непотребни компромиси, вклучително и најапсурдните, за да заслужиме членство во европското семејство. Затоа сега е ред на Европската Унија, порача првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓи заедниците Артан Груби.

На панел-дискусијата „Дваесет години по потпишувањето на Рамковниот договор: Република Северна Македонија и патот кон Европската Унија”, која по повод Денот на Европа ја организираше Центарот за европски истражувања и анализи „Еуропроспера”, Групи истакна дека сега е на тест европската храброст зашто сега се загрозени европските вредности.

– Очекуваме иста храброст од европските лидери која тие ја бараа од нас последниве две децении, од Охридскиот Договор до уставните измени, без одлагање, без оправдување, рече тој, нагласувајќи дека тоа не е само одлука за европската иднина на Северна Македонија, туку е одлука и за опстанокот на сонот и иднината на Европската Унија.

Според него, 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор и 30-годишнината од независноста на државата се два момента на длабока општествена трансформација кои, како што рече, „колку што се одвоени, толку се сплотени – моменти на еден национален, регионален и европски 9 мај”.

Во обраќањето Груби се осврна на Охридскиот договор посочувајќи дека во неговата суштина тој е вредност на Европската Унија и е единствениот целосно успешен мировен договор, гарантиран од ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, целосно имплементиран во нормативниот дел кој придонесе за нашата европска иднина.

– Од денешна перспектива гледаме колку апсурден беше тој отпор, тие протести, тие закани, тие стравови. Секогаш велам, колку е полојална државата кон граѓаните, толку се полојални граѓаните кон државата. Еднаквото општество, кон кое се стреми Охридскиот договор придонесе државата да ја чувствувам за моја и да се залагам колку што се залага и премиерот Заев, и претседателот Пендаровски за доброто на нашата заедничка татковина, да ја чувствувам како моја, додаде првиот вицепремиер.