Шведскиот моден гигант H&M најави затворање на 170 продавници ширум светот до крајот на годинава како дел од стратегијата за приспособување на работењето кон актуелните пазарни услови. Истовремено, компанијата планира да отвори околу 90 нови продажни места.

Во полугодишниот извештај, H&M соопшти дека до 31 мај бројот на неговите продавници е намален од 4.166 на 4.038, односно за 128 малопродажни објекти, што претставува пад од три проценти.

Најголем дел од затворањата се однесуваат на пазарите во Азија, Океанија и Африка, каде што ќе бидат затворени 97 продавници. Дополнително, компанијата ќе затвори 20 продавници во Западна Европа, 17 во нордиските земји и уште четири во Источна Европа, објави „Мирор“ (Mirror).

Покрај намалувањето на бројот на продавници, H&M спроведе промени и во рамките на својата групација. Така, сите преостанати продавници на брендот Monki се трајно затворени, а брендот е интегриран во Weekday.

Компанијата наведува дека се соочува со сè поголеми предизвици поради растот на интернет-трговијата и конкуренцијата од платформи како Temu и AliExpress, додека паралелно работи на намалување на оперативните трошоци.

Од H&M посочуваат дека континуирано ја преиспитуваат својата мрежа на продавници за подобро да одговорат на потребите на потрошувачите и да понудат поквалитетно искуство при купувањето, како во физичките продавници, така и преку интернет.