Поранешниот министер за финансии и политички аналитичар, Џевдет Хајредини коментира како одеднаш од партијата ВМРО-ДПМНЕ станале “албанофоби”, кога, како што вели тој, се знае дека не многу одамна скоро 10 години со ДУИ биле во заедничка власт.

„Од каде сега одеднаш од ВМРО станаа “албанофоби”, кога се знае дека не многу одамна скоро 10 години со ДУИ беа во заедничка власт. Од Груевски побараа и тој, за да биде раат цел мандат, со сила ги натера своите пратеници да гласаат за амнестија на хашките случаи. Невиден притисок од страна на највисоки претставници на САД, ЕУ и НАТО беше потребен до последните 20 минути ДУИ да се оттргне од ВМРО. Со поддршка на ДУИ, Груевски близу една милиарда евра потроши за проектот СКОПЈЕ-2014“, пишува Хајредини на Фејсбук,

Според него во 2014 ДУИ, иако имала 2/3 мнозинство, во договор со ВМРО, побарала предвремени избори само за да се овозможи поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов повторно да биде избран за претседател на државата.

„Никогаш Али Амети не се дистанцираше од антизападната политика на Груевски, напротив, го фалеше дека е прозападно ориентиран; Објавени се тајни разговори со Груевски од кои се слуша како Али Амети на македонски јазик бара од него да не се уриваат дивоградбите на узурпирано државно земјиште на функционери на ДУИ; Според тоа, ВМРО најмалку има причина да биде “албанофоб” поради ДУИ“, пишува Хајредини.

Претходно Хајредини посочи и дека се детски игри на кои ни децата не им веруваат за оставките со кои министрите од ДУИ условуваат гласање за уставните измени.