Британската влада потврди дека дел од онлајн услугите на Министерството за труд и пензии се привремено оневозможени поради сериозен кибернапад врз информатичката инфраструктура. Владините претставници соопштија дека веднаш биле активирани протоколите за дигитална заштита со цел спречување на дополнителна штета.
Министерството кое раководи со исплатата на пензиите и социјалното осигурување официјално потврди дека се соочува со безбедносен инцидент на дигиталната мрежа.
„Оневозможивме некои онлајн услуги како мерка на претпазливост откако идентификувавме киберинцидент што влијае на нашите системи“, соопштија надлежните служби.
Властите уверуваат дека редовните парични бенефиции и исплатите кон пензионерите во земјата не се изложени на ризик и ќе продолжат да се реализираат според предвидената динамика.
Во расчистување на случајот се вклучени Националниот центар за кибербезбедност и Владиниот центар за киберкоординација, кои работат на брзо враќање на системите во нормала и намалување на прекините во услугите.
Британските компании и државни институции во изминатите години сѐ почесто се цел на масовни дигитални напади, при што подолги прекини во работењето веќе претрпеа Британската библиотека, Службата за тестирање на крв, Лондонското метро, како и познатиот трговски ланец Маркс и Спенсер.
