Ситуацијата во моментов е под контрола, изјави Урош Свети, директор на Канцеларијата за информатичка безбедност на Владата на Република Словенија во врска со сајбер нападот врз Холдинг Словенске електро (ХСЕ) откриен во саботата, објави Н1 Словенија. Одтаму се уште не можат да зборуваат за потеклото на сајбер инцидентот. Генералниот директор на ХСЕ Томаж Штокељ изрази оптимизам, бидејќи според досега виденото нема да има поголеми штети.

„Врз основа на сработеното и виденото, можеме да бидеме оптимисти дека нема да има поголеми последици, како од аспект на безбедноста на системот, така и од аспект на влијанието врз економското работење на компанијата“, рече Штокељ. Тој додаде дека се уште е рано да се даваат дефинитивни тврдења. Сепак, оперативниот систем, кој служи како контрола врз работата на електраните, е функционален во поголема мера, рече тој.

Тие исто така поставуваат врски до Eлес, така што ќе бидат овозможени и сите услуги. Според нивните уверувања, електраните на Групацијата ХСЕ работат непречено, а снабдувањето со електрична енергија во Словенија и понатаму е безбедно и сигурно. Сајбер инцидентите во такви случаи се прикриваат многу добро, а исто така на неколку нивоа, но досега канцеларијата нема добиено никакви информации во врска со барањето за откуп. Сепак, Штокељ додаде дека фактот што пристапот до податоците е ограничен укажува на момент кој на крајот може да доведе до изнуда на самата компанија.