Хелсинки е единствен главен град во Европа без жртви во сообраќајот од јули 2024 година

Главниот град на Финска, Хелсинки, е пример за европски велеград без жртви во сообраќајот во изминатата година. Според извештајот на германскиот портал „Тагешау“, од јули 2024 година не се регистрирани загинати на улиците во Хелсинки.

Податоците на финската полиција потврдуваат дека во изминатиот 12-месечен период немало ниедна сообраќајна жртва. Градските власти овој успех го објаснуваат со воведување строги ограничувања на брзината и поголема безбедност за пешаците.

Во последната година се случиле 277 сообраќајни несреќи со повредени, што е значително помалку од претходните децении.

Во 1980-тите, Хелсинки бележел просечно 1.000 несреќи и до 30 загинати годишно, што е драстичен контраст со денешната состојба, без жртви во сообраќајот.

Хелсинки има околу 690.000 жители, а сегашниот резултат се смета за голем напредок во урбаната сообраќајна безбедност. На половина од улиците брзината е ограничена на 30 километри на час, особено кај градинки и училишта.

Во минатото, дозволената брзина била 50 км/ч, но ограничувањата се покажале како клучни за намалување на ризиците.

Финската телевизија Иле објави дека контролата на брзината е зајакната, а следењето на сообраќајот е поефикасно.

Во Хелсинки се вложува и во едукација на децата за сообраќајно однесување, со фокус на нивна безбедност. Целта на програмите е заштита на децата, пешаците и велосипедистите, особено во густо населени зони. Зголемен е бројот на пешачки премини и обезбедени патеки за велосипедисти низ градот.

Дополнително, проширувањето на јавниот превоз влијаело врз тоа сè помалку граѓани да користат автомобили. Со тоа значително се намалиле метежите и ризикот од сообраќајни несреќи во урбаниот центар.