Случајот со јавноста го сподели лекарот Павле Зафиров, кој обидувајќи се да спаси човек со здравствен проблем, во завеано планинско место во близина на Кратово, тврди дека не добил помош од ниедна институција до која се обратил. По неуспешните обиди да добијат помош од надлежните општински власти, Зафиров, заедно со медицинскиот техничар и роднините на лицето, биле принудени сами да го пренесат до најблиската здравствена установа, по петчасовно движење низ екстремно стрмен и завеан предел.
Комитетот испрати и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за локална самоуправа, поради тоа што општината не ги преземала сите дејствија за кои е надлежна согласно Законот за заштита и спасување. Доколку контактираните институции навистина немале можност сами да спроведат акција за спасување на лицето, градоначалникот имал обврска да побара ангажирање на републичките сили за заштита и спасување, како што одредува членот 35 од овој закон.
Хелсиншкиот комитет инсистира на брзо расчистување на овој случај и бара одговорност од сите надлежни поединци и институции, кои не реагирале во една ваква животозагрозувачка ситуација.