Во Брисел разговарале за Украина, одбраната и подготовките за самитот на НАТО во Тирана

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, во Брисел оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на која биле отворени прашања поврзани со актуелната безбедносна состојба, улогата на Алијансата и стабилноста на регионот.

Хоџа преку објава на Фејсбук соопшти дека разговорите се одржале во период кога Албанија презема сè поголеми обврски во рамките на НАТО, оценувајќи дека Алијансата денес има уште поважна улога во услови на глобална неизвесност.

„Споделивме став дека во денешното сè посложено и непредвидливо безбедносно опкружување, НАТО е поважен и понеопходен од кога било. Зајакнувањето на колективната одбрана, зголемувањето на трошоците за одбрана, непоколебливата поддршка за Украина, како и проширувањето на капацитетите на одбранбената индустрија, остануваат приоритети за превенција, стабилност и трансатлантска безбедност“, истакна Хоџа.

Разговарале и за Косово и улогата на КФОР

Според албанскиот министер, земјата продолжува да се позиционира како активен и сигурен партнер во Алијансата преку модернизација на вооружените сили, зголемени инвестиции во одбраната и учество во мисиите на НАТО.

На средбата била потенцирана и важноста од продолжување на поддршката за Украина преку механизмите на НАТО, вклучително и преку обука, помош и долгорочно јакнење на капацитетите.

Во делот посветен на Западен Балкан, Хоџа и Руте оцениле дека ангажманот на НАТО останува суштински за регионалната стабилност и безбедност. Албанскиот министер посебно го нагласил значењето на мисијата КФОР во Косово, посочувајќи дека нејзиното присуство има стабилизирачка улога.

Албанија се подготвува за самитот на НАТО во 2027 година

Соговорниците разговарале и за подготовките за самитот на НАТО што треба да се одржи во Тирана во 2027 година. Тоа ќе биде прв самит на Алијансата организиран во земја од Западен Балкан.

Хоџа оцени дека организирањето на ваков настан претставува „историска одговорност“ и дополнителна потврда за стратешкото значење на регионот.