Иако во Холандија многу ретко има случаи на вооружено насилство, убиствата и насилствата поврзани со дрога станаа вообичаени во последниве години, бидејќи господарите на подземјето се борат за територии.
Владин извор, кој сакаше да остане анонимен, ги потврди написите на весникот, а холандските авторитети од националната безбедност одбија да го коментираат случајот.
–Безбедноста и заштитата се прашања за кои никогаш не треба да се зборува јавно, им изјави Руте на новинарите.
Холандскиот премиер, чија конзервативна влада вети дека ќе го сузбие организираниот криминал, од преземањето на функцијата премиер пред речиси 11 години постојано се обидува да одржи ограничено ниво на лична заштита. Често може да се види како патува со велосипед до и од својот дом и владините згради во Хаг, а често пати му пристапуваат минувачи кои сакаат да разговараат со него или да направат селфи.
Знак за зголемено насилство во трговијата со дрога беше кога водечкиот холандски новинар за криминал Питер Р. де Врис во јули беше застрелан среде бел ден во Амстердам, неколку месеци откако стана доверлив човек на клучниот сведок во големо судење за организиран криминал. Неколку дена по нападот новинарот почина од здобиените повреди.
Во 2019 година на сличен начин пред својот дом во Амсетердам беше убиен и адвокат на клучен сведок.
Заканите кон политичарите во Холандија не се невообичаени. Лидерот на антиисламската опозиција Герт Вилдерс од 2004 година е принуден да живее во безбедна куќа и постојано да биде опкружен со телохранители поради постојаните закани по живот.