Долгогодишна мистерија доби неверојатен пресврт
Хрватскиот државјанин Борис Ц., кој пред речиси три децении исчезна од германскиот град Виерсен, е пронајден жив во Франција, пишува Јутарњи лист.
Случајот што со години се водеше како нерешено убиство, конечно доби неочекуван развој. Борис живее под ново име и има ново семејство.
Во 1994 година, кога исчезнал, Борис имал 37 години. Неговиот автомобил бил пронајден во Дизелдорф, а во него – траги од крв. Подоцнежните анализи потврдиле дека крвта е негова. Германската полиција од самиот почеток го третирала случајот како можна жртва на убиство. Во 1997 година, по три години без трага, неговото семејство официјално го прогласило за мртов.
Лажна смрт за бегство од долгови
Пресвртот дошол поради истрага во рамки на популарната германска телевизиска емисија Aktenzeichen XY, која редовно помага во решавање стари нерешени случаи. Истрагата открила дека Борис всушност однапред го испланирал своето исчезнување.
„Имав големи долгови и стравував дека тие ќе ми го уништат животот и ќе донесат проблеми на моето семејство. Не гледав друг излез освен да исчезнам“, признал Борис според податоците од државното обвинителство.
Тој ги создал и крвавите траги во својот автомобил, намерно се самоповредил за да ја измами полицијата и да остави впечаток дека станува збор за убиство. Таа постапка го одвела случајот во сосема погрешна насока, која траела со децении.
Нов живот, далеку од Германија
Денес, Борис живее во Франција, под нов идентитет. Има ново семејство и според информациите, целосно се оддалечил од минатото. Случајот ја шокирал германската и балканската јавност, но и ја потврдил ефикасноста на јавната помош и медиумите при разрешување на замрзнати истраги.
Извор: Индекс