Црногорците денеска гласаат на предвремени парламентарни избори. Ова се шести избори од независноста на државата од 2006 година.

Право на глас имаат 542 граѓани кои избираат меѓу 15 кандидатски листи за пратеници.

Гласачките места се отворија утрово во 7 часот, а според податоците од Центарот за демократска транзиција (ЦДТ) до 9 часот гласале 5,4 отсто од запишаните гласачи или околу 29 300 граѓани.

Она што го очекуваат Црногорците е по три години политичка нестабилност и пад на две влади, да добијат нова стабилна влада за наредните четири години која ќе го „одмрзне“ процесот на евроинтеграции односно ќе го забрза членството на Црна Гора во ЕУ.

Анкетите во пресрет на изборите му даваа предност на вонпарламентарно движење Европа сега, предводено од поранешниот министер за финансии Милојко Спајиќ. Кандидатот на ова движење, Јаков Милатовиќ, во април убедливо победи на претседателските избори каде противкандидат му беше бившиот претседател Мило Ѓукановиќ од Демократската партија на социјалистите (ДПС).

Оваа партија, на изборите денеска настапува со листа предводена од в.д. партискиот претседател Данјел Живковиќ кој го наследи Ѓукановиќ на лидерското место по изборниот пораз.

Граѓанското движење УРА на актуелниот премиер во технички мандат Дритан Абазовиќ, пак, настапува во предизборната коалиција „Бори се храбро“ заедно со демократите на поранешниот претседател на Парламентот на Црна Гора, Алексе Бечиќ.

Меѓу останатите кандидатски листи кои бараат место во новиот состав на црногорскиот парламент има и неколку нови партии и коалиција.

Првите проекции од излезните анкети за резултатот од изборите се очекува невладините организации кои ги набљудуваат изборите да ги имаат околу 21 часот.