Првиот вицепремиер Артан Груби инсистира да се одобри предлог-законот за коцкање, да не пропадна тендерот за три нови лиценци и ниту една бугарска компанија да нема право да ги контролира онлајн игрите. Груби во интервју за Канал5 вели дека со новиот закон ќе се стави под контрола онлајн индустријата за коцкање. Груби ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека 15-годишниот тендер и го доверила на фирма основана од српскиот државјанин Владимир Вуковиќ, бугарскиот државјанин Даниел Илиев и македонски државјанин. Според него, поради непринципиелна реакција, од функцијата е отповикан и претходниот амбасадор на Австрија, Георг Вукас. ДУИ денеска ја обвини и албанската опозиција дека лобира во корист на казината, објави Алсат.
„Кој го штити 15-годишниот монопол даден на бугарско-српско-македонска компанија за организација на коцкање, чија „пријавена“ добивка е просечно 15 милиони евра годишно? Кој од албанската опозиција лобираше за комплетирање на законот со амандман во корист на казината?“, велат од ДУИ.
Но, албанската опозиција вели дека ДУИ е толку вклучена во коцкањето што сака овој закон да биде одобрен на секој начин. Фадил Зендели од Движењето Беса во интервју за Алсат вели дека власта се обидува да го донесе овој закон на шверцерски начин.
„Не можете да очекувате ДУИ да најде решение кога тие се длабоко зафатени со коцкање. Во овие интереси се и други партии. Не можете да очекувате да го лимитираат коцкањето или да најдат решенија кои се во интерес на граѓаните“, рече Зендели.
Македонската опозиција со недели го обвинува првиот вицепремиер Артан Груби за, како што велат, регулирање на пазарот на казино и онлајн коцкање според лични интереси. Според ВМРО-ДПМНЕ, тендерот за контрола на коцкањето од три нови фирми е наместен за бугарски бизнисмен, кој е на американската црна листа. Здружението на спортски обложувалници во Македонија побара Владата да го повлече предлог-законот од собраниска процедура и да го укине тендерот за нови лиценци, поради обиди да бидат истиснати домашните компании.