Македонските граѓани и денеска заминуваат на вакцинација во Србија. На граничниот премин Табановце, поради зголемен интензитет, чекањето за излез од државата е околу 40 минути, информира Автомотосојузот во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.

Во текот на вчерашниот ден првата доза од вакцината во Србија ја примија околу 1.100 бизнисмени и 4.000 граѓани на Македонија.

Директорот на српската владина Канцеларија за е-управа, Михаило Јовановиќ, која е надлежна за примање барања и одредување термини за вакцинација во Србија, ги повика граѓаните на соседните земји, меѓу кои е и Македонија, што немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани.

Министерот за здравство, Венко Филипче вакцинацијата на нашите граѓани и на другите граѓани од регионот во Србија ја оцени како пријателски и многу добар гест, а најави дека оние кои нема да добијат термини за ревакцинација во Србија тоа ќе може да го сторат во државава.

-Утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видам дали може да ги добиеме електронските податоци за да ги вградиме во нашиот систем, а доколку не, попладнево веќе разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт за вакцинација за тие граѓани да можат да се пријават. Тие секако добиле термини за ревакцинација но доколку некој не може и сака тука да продолжи тоа да го испланираме во нашиот систем“, рече Филипче.