Патниците од Кина ќе мора да приложат негативен тест за Ковид-19 за да влезат во Германија, најави денеска германскиот министер за здравство Карл Лаутербах.

„За влез во Германија ќе треба да приложат најмалку еден брз антигенски тест“, се вели во најавата на министерот.
Покрај тоа, ќе се врши „случајно тестирање“ за откривање на можни варијанти на вирусот, според препораката на Европската унија која стапи на сила вчера.

На тој начин Германија им се приклучи на земјите кои воведуваат задолжителни тестови за патниците од Кина по избувнувањето на нови жаришта на епидемијата на Ковид-19 во таа земја.

Претходно денеска шведската влада објави дека патниците кои доаѓаат од Кина ќе мора да прикажат негативни тестови за Ковид пред да влезат во Шведска.

„Утринава шведската влада одлучи да воведе привремени ограничувања за влез од Кина во Шведска“, изјави денеска министерот за здравство Јакоб Форшмед.

Групата за интегрирана политичка реакција на Европската унија вчера препорача земјите-членки да воведат слични ограничувања.