Руската и украинската армија денеска тврдат дека постигнале воени успеси на фронтот, при што Москва соопшти дека ги одбила нападите на украинските сили, додека Киев наведе оти вратил уште едно село под своја контрола во источниот регион Доњецк.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека ја распоредило својата прва приватна армија, специјалната единица Ахмат, за која се верува дека е под контрола на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Тоа беше објавено во услови на зголемени тензии меѓу министерот за одбрана Сергеј Шојгу и платеничката група Вагнер, во сопственост на олигархот Евгениј Пригожин.
Украина соопшти дека го освоила селото Сторожево во регионот Доњецк. Киев сè уште официјално нема потврдени дека почна контраофанзива, но дава индиции дека е во тек воена операција.
– Украинското знаме повторно се вее над Сторожево и така ќе биде со секое село додека целосно не ја ослободиме украинската почва, објави заменик-министерката за одбрана на Украина Хана Маљар на Телеграм.
Селото Сторожево се наоѓа на границата меѓу регионите Доњецк и Запорожје, во истата област каде што украинските сили вчера соопштија дека ослободиле други помали градови.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков изјави дека „Армиската група Исток одби три непријателски напади во правец на Велика Новосилка во Доњецк и во областа околу селото Левадна во регионот Запорожје. (МИА)