Министерот за здравство издвои три главни приоритети за здравствениот систем. Тоа се безбедноста на пациентите и надминување на културата на неказнивост, поврзување на финансирањето на здравствените услуги со квалитетот и јасно утврдување на одговорностите на секоја институција.
Со поддршка од Светската здравствена организација и во соработка со Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, денеска се одржа втората национална работилница посветена на зајакнување на националната рамка за квалитет на здравствената заштита. На собирот се обрати министерот за здравство, Сашо Клековски.
На работната средба беа презентирани резултатите од националната проценка на квалитетот на здравствената заштита. Оваа проценка е спроведена во изминатите месеци со стручна поддршка од Канцеларијата на СЗО во Скопје и Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствената заштита и безбедност на пациентите во Атина, при што беше применета алатката на СЗО за национална проценка на квалитетот. Процесот опфати преглед на документи, консултации со надлежните институции, здравствените работници и претставниците на пациентите, како и теренски посети на клиники, болници и установи од примарната здравствена заштита.
Резултатите од проценката покажуваат дека државата веќе поседува важни основи за квалитетот, вклучувајќи законска рамка, Стратегијата за здравство 2021–2030, Националниот план за безбедност на пациентите, механизми за акредитација и дигитални системи како што е „Мој Термин“. Сепак, главниот предизвик останува овие постојни елементи ефикасно да се поврзат во функционален национален систем со јасни одговорности, соодветни ресурси и редовно следење на напредокот.
„Имаме закони, стратегии и системи, но тие сè уште не функционираат како еден систем. Нашиот предизвик не е да донесеме нови документи, туку постојните навистина да профункционираат во практиката“, вели Клековски.
Во своето излагање министерот детално се осврна на трите клучни столбови, со посебен акцент врз транспарентноста и промената на институционалната култура при грешки во лекувањето.
„Грешка што не е пријавена е грешка што ќе се повтори. Ни треба систем во кој пријавувањето е заштитено и од кој учиме, а здравствениот работник што пријавил добива поддршка, а не последици“, нагласи Клековски.
Следниот конкретен чекор е подготовка на национален план за квалитет на здравствената заштита. Министерството за здравство ќе ја има водечката улога во овој сеопфатен процес, а самиот документ ќе дефинира точно утврден број приоритети, одговорни институции, потребни ресурси, прецизни рокови и мерливи показатели за следење на напредокот.
„Не ни треба уште еден документ што ќе остане на хартија. За секој приоритет ќе знаеме кој е одговорен, до кога и како ќе го мериме напредокот“, истакна министерот.
Паралелно со овие активности, Министерството работи на надградба и унапредување на законската рамка за квалитет. Целта на овие законски измени е воспоставување строги стандарди и механизми за постојано управување со квалитетот и редовно следење на постигнатите резултати.
