Вработените во европските земји веќе одамна ја заговараат идејата за четиридневна работна недела, но кај нас тоа е далеку од реалност. Велика Британија спроведе тестирањето на четиридневната работна недела кое покажа дека огромното мнозинство од 61 компанија, кои учествуваа во него, ќе продолжат со пократката работна недела, бидејќи вработените се помалку под стрес и се чувствуваат подобро, а работата и животот им се побалансирани. Се поставува прашањето може ли и во Македонија да се намали работното време, а платата да остане иста? Работодавачите сметаат дека идејата е добра, но е полесно изводлива во државната администрација за разлика од приватниот сектор каде што приходите на компаниите директно зависат од оствареното производствово, а тоа пак од работните часови. Во многу дејности кај нас работниците бараат да работат прекувремено за да „преживеат“. Од друга страна, проблем е што кај нас сè уште не постои свест за некои форми на работа кои веќе одамна постојат и се применуваат во повеќе европски земји.

Идејата работната недела да има 32 наместо 40 работни часа не е нова, но за неа сè почесто се зборува по пандемијата, која трајно го промени режимот на работа, не само што флексибилното работно време стана императив во многу компании, туку сè поизвесно е дека самата работна недела ќе биде пократка во однос на денови или часови.

– Четиридневната работна недела кај нас може да се примени во државната администрација, но не и во приватниот сектор. Приходите на компаниите директно зависат од оствареното производство, а тоа пак од работните часови. Што значи ако се работи помалку ќе се земе и помала плата, но тоа не е во интерес на работниците. Во многу дејности работниците за да заработат повеќе бараат прекувремена работа која се плаќа дополнително 35 отсто од дневницата. Ние не можеме да се рамниме со европските држави, кои најголем дел од приходите ги остваруваат од услуги. Во држави како нашата, каде што доминира преработувачка индустрија со високо учество на работна сила, ова е невозможно, вели за весникот ВЕЧЕР, Ангел Димитров, од Организација на работодавачи на Македонија.
Тој смета дека оваа идеја може да се реализира во услужните дејности, бидејќи како што вели приходите од камати на банката нема да се намалат ако банката работи четири дена, но во производство тоа не е така.

–Има технолошки процеси каде производството не може да се запре. Така што проблем е и неработна недела, а не пак три дена во неделата. Од друга страна во некој дејности потребна е и трета смена, а не пак четиридневна работна недела, вели Димитров

Според претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков, четиридневна работна недела може делумно да се реализира. Во пакетот на работни односи има и нестандардни форми на вработување, пред сè, во финансискиот сектор, во електронската трговија, транспорт, логистика, образование…

-Постојат и нестандардни форми на вработување, односно се склучуваат договори за работа според потребите и на индустријата и на работниците. Ние во македонската трудова легислатива никако да сфатиме дека тоа се договара и во колективните договори кој кај нас ги регулира Синдикатот. Кај нас сè уште не постои свест за препознавање на овие форми на работа кој веќе постојат и се применуваат во повеќе европски земји, вели за весникот ВЕЧЕР, Бошков.

Според него, овие форми на работа се применуваат во некој дејности, но македонската трудова легислатива се уште не ги препознава.

Во светот менаџерите во различни индустрии имаат проблем да најдат работници, дури и кога ги зголемуваат платите и нудат стимулации. Така што немаат проблем со тоа да се намали работното време, а платата да остане иста само да ги задржат работниците.

Европските земји одамна ја тестираат четиридневната работна недела по Скандинавските земји сега и Велика Британија спроведе тестирањето на четиридневната работна недела, кое покажа дека огромното мнозинство од 61 компанија кои учествуваа во него ќе продолжат со пократката работна недела бидејќи вработените се помалку под стрес и се чувствуваат подобро, а работата и животот им се побалансирани. Бизнисите, пријавиле дека нивниот приход во голема мера останал ист и покрај еден работен ден помалку во текот на неделата, а за многумина дури и се зголемил во споредба со истиот период од претходната година.

Тестирањето покажало дека четиридневната недела има повеќекратни придобивки, бидејќи бројот на оние кои рекле дека се уморни од работа се намалил за 71 отсто, дека 39 отсто помалку се изјасниле дека се под стрес, а 48 отсто повеќе се задоволни од својата работа отколку што биле во текот на петдневната работна недела.

Кај вработените, 60 отсто рекле дека во текот на четиридневната работна недела им било полесно да ги балансираат работата и обврските дома, а 73 отсто рекле дека се позадоволни од својот живот воопшто. Тие биле помалку уморни, повеќе спиеле и нивното ментално здравје се подобрило, покажуваат истражувањата.