Трамп размислува за даноци за увоз за Европа и Велика Британија

Американскиот претседател Трамп посочи дека и на Европа и најверојатно на Велика Британија ќе и зададе удар со царини откако ги погоди најголемите американски трговски партнери – Канада, Мексико и Кина – со даноци за увоз.

„Имаме дефицит од над 300 милијарди долари. Тие не ни ги земаат автомобилите, не ги земаат нашите земјоделски производи, не земаат речиси ништо, а ние им земаме се, милиони автомобили, храна и земјоделски производи. Обединетото кралство е надвор од линијата, мислам дека тоа може да се реши, но Европската унија, сурово е тоа што тие го направија“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во меѓувреме, Канада и Мексико возвратија.

Канада и Мексико возвраќаат: Трамп воведе нови царини, следуваат контрамерки

Канада го возвраќа ударот

Откако шефот на Белата Куќа потпиша наредба за царини од 25 насто за целата стока од Канада и Мексико од вторник, а за Кина десет насто повеќе царини отколку што се во моментов, државите го возвраќаат ударот. Канадските власти објавија листа на американски стоки со зголемени царини за 25 насто. На списокот се земјоделски производи, алкохол, облека, апарати за домаќинство, огнено оружје. Канаѓаните ветија дека ќе ја поддржат земјата и ќе купуваат домашни производи.

„Трамп ги влече своите потези. Апсолутно, не е позитивно. Само се надевам дека канадската влада ќе возврати со иста мера“, се вели во реакција.

Канада меѓудругото најави дека ќе бара обесштетување според регионалниот договор за слободна трговија. Преку социјалните мрежи, граѓаните во Мексико повикаа на бојкот на производи и компании од САД.

„Тоа е како да си пукаш во нога затоа што очигледно луѓето мислат дека тоа нема да влијае на оние кои живеат во Соединетите држави, но очигледно дека ќе влијае исто, или дури и полошо од Мексико“.

„Тарифите изгледаат како медиумска возбуда од страна на Доналд Трамп. Акцијата треба да биде реципрочна овде во Мексико, бидејќи ним им требаме исто колку и тие нас“.

Мексико не сака конфронтација

Мексиканската претседателка вели дека не сакаат конфронтација.

„Ако САД сакаат да се борат против криминалните групи и сакаат да го направиме тоа заедно, мора да работиме на сеопфатен начин, но секогаш под принципот на заедничка одговорност, доверба, соработка и пред сè почитување на суверенитетот“, изјави Клаудија Шејнбаум, претседател на Мексико.

Трамп сака да направи трговска војна

Со авокадо и шише пиво – двата производа од Мексико – лидерот на демократите во Сенатот, Шумер предупреди дека потегот на Трамп е трговска војна.

„Сега сме во трговска војна со Мексико и Канада. За американскиот народ, сега ќе биде војна помеѓу цените и нивните плати. Тоа е последното нешто што ни треба“, изјави Сенатор Чак Шумер, лидер на малцинството во Сенатот.

Европската унија претходно изрази жалење поради зголемувањето на американските царини за производи од Канада, Мексико и Кина, опишувајќи ја мерката како штетна за сите страни.