Очекуваме до крајот на годината да бидеме покуси за 6-7 милијарди од она што сме го планирале и затоа е можно дотогаш да имаме уште еден ребаланс на буџетот – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, Мицкоски уште еднаш напомена дека инфлацијата во Македонија е под контрола.
– Не би рекол дека кај нас инфлацијата има голем замав, два месеци по ред е условно кажано контролирана и е под европскиот просек. Ќе видиме како ќе биде во септември. Сè што е од 2 до 3 отсто е во рамките на очекуваното. Сериозен предизвик е неизвесноста во врска со испораката на нафтата и нафтените деривати во светот, цените на берзите и мерките што ги имплементираме како Влада за да го одржиме ниско нивото на цените на горивата, најниско во Европа, и тоа ќе нè чини како буџет само врз основа на акцизата речиси пет милијарди денари, а поради намаленото ДДВ, и уште некоја милијарда повеќе. Затоа се разгледува можноста за уште еден ребаланс, но наш приоритет е да го задржиме стандардот на граѓаните, да се контролира ниското ниво на инфлација и да ја задржиме најниската цена на горивата не само во регинот туку и во Европа. Очекуваме до крајот на годината да бидеме покуси за 6-7 милијарди од она што сме го планирале и затоа е можно дотогаш да имаме уште еден ребаланс на буџетот – истакна Мицкоски.
