Инфлацијата во Македонија во јули 2026 година изнесувала 2,3 отсто на годишно ниво, додека во однос на јуни трошоците на животот се зголемиле за само 0,1 отсто. Во јуни годишната инфлација изнесувала 3,4 отсто, а во мај 4,8 отсто, што покажува продолжување на трендот на забавување.

Во јули, во споредба со претходниот месец, најголем раст на трошоците е забележан кај транспортот, каде што цените се зголемиле за 4,4 отсто. Рекреацијата, спортот и културата поскапеле за 2,6 отсто, домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива за 0,9 отсто, а рестораните и услугите за сместување за 0,7 отсто.

Истовремено, храната и безалкохолните пијалаци поевтиниле за 1,1 отсто во однос на јуни. Намалување има и кај покуќнината, опремата за домаќинствата и редовното одржување на домаќинствата за 1,4 отсто, облеката и обувките за 0,2 отсто, а информациите и комуникациите и здравствената заштита за по 0,1 отсто.

Трошоците за осигурување и финансиски услуги, како и за лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги, останале на исто ниво како во јуни.

Индексот на цените на мало во јули во однос на јуни изнесувал 101,3, додека на годишно ниво цените на мало биле повисоки за 1,8 отсто.