Локалната власт во Валандово предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со реализација на проекти насочени кон рамномерен локален развој и создавање поквалитетни услови за живот. И покрај наследените финансиски обврски во износ од над 60 милиони денари, во општината се спроведуваат активности за финансиска консолидација паралелно со теренските градежни зафати.
Меѓу позначајните инфраструктурни активности е реконструкцијата на дел од улицата Маршал Тито во Валандово, инвестиција вредна над 5 милиони денари, со која се опфатени подземната инфраструктура, тротоарите, паркинг-просторот и хортикултурното уредување. Во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта завршена е реконструкцијата на регионалниот пат Р1105 на делницата Јосифово – Удово, како и на делови од влезовите и излезите од градот. Дополнително, преку средства од општинскиот буџет и поддршка од Министерството за транспорт, се градат и санираат улици во селата Раброво, Дедели, Башибос, Кочули, Балинци, Брајковци, Собри, Марвинци и Пирава.
Во делот на водоснабдувањето, во тек е третата фаза од проектот за реконструкција на секундарната водоводна мрежа во Калково, вредна над 36 милиони денари, поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање. За уредување на јавниот простор, локацијата кај поранешниот детски парк во близина на „Стоковна“ во Валандово е опремена со 26 нови паркинг-места, ново детско игралиште, тротоари и урбана опрема.
Во образовниот сектор е завршена реконструкцијата на градинката во Брајковци, а потпишан е договор од 23 милиони денари за нова градинка во Пирава. Во Брајковци е реконструирано и училиштето со вложување од над 10 милиони денари. Општината обезбеди еднократна помош од 4.000 денари за секое прваче и 12.000 денари за секој првозапишан средношколец во СОУ „Гоце Делчев“, покрај наградите за успеси на државни натпревари. Во спортската инфраструктура се инвестираат 6,5 милиони денари за објектите во Валандово и Пирава во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, набавено е комунално возило за смет од 4,95 милиони денари, во тек е поставување на 50 контејнери, а со проект за енергетска ефикасност од 23 милиони денари се реконструираат општинската зграда и Домот на културата.
