Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска поднесе иницијатива до Град Скопје за проширување на пешачкиот остров на крстосницата меѓу булеварите „Видое Смилевски-Бато“ и „Србија“ во општина Аеродром. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов изјави дека пешачкиот остров е исклучително тесен и со тоа небезбеден за пешаците додека стојат на средина од бул. „Србија“ чекајќи зелено светло на семафорот за да ги преминат сите негови коловозни ленти.
Островчето е толку тесно, рече Ангелов, што велосипед треба да биде поставен накосо зашто со тркалата излегува на коловозот. Се работи, додаде тој, за булевар кој е многу фреквентен со возила и на тоа место често го преминуваат голем број пешаци, велосипедисти, деца и родители со бебиња во колички кои се движат на потегот од Ново Лисиче кон населбата Аеродром.
Проблемот е стар откако е направен булеварот, рече директорот на ЦУК, но станува посериозен зашто има илјадници нови жители, особено во Реонскиот центар-Аеродром, со што фреквентноста од луѓе е дополнително зголемена во последните неколку години.
-Во последниот период добивме повеќе пријави од загрижени граѓани на кои се приклучувам и јас бидејќи живеам во непосредна близина. Имам две малолетни деца коишто со своите велосипеди меѓу другото возат и на ова подрачје. Семафорот ретко кога дозволува целиот булевар да се помине, луѓето се принудени да застанат на пешачкиот остров. Понекогаш се случува по 10, 15 и повеќе луѓе да стојат на ова тесно и небезбедно место, често и велосипедисти и родители што туркаат бебешки колички, изјави Ангелов од локацијата.
Смета дека проширувањето на пешачкиот остров може да биде едноставно изведено со поставување пластични столбови и стеснување на коловозните ленти како што има на повеќе места низ Скопје и на велосипедските патеки.
Ангелов ги повика граѓаните кои се соочуваат со ваков проблем да пријават на телефонскиот број 112 и ЦУК ќе го информира Град Скопје од каде што, рече, очекува брза реакција во надминување на опасноста.
На новинарско прашање за крстосницата кај старата Градска болница во центарот на Скопје, каде што не ни постои пешачки остров, а булеварот со шест ленти пешаците мора брзо да го преминат поради краткото траење на семафорот, Ангелов одговори дека ЦУК уште утре ќе поднесе иницијатива до Град Скопје за решавање и на овој проблем.