Продажните места на големо и мало повторно се ставени под лупа на интензивни контроли. Покрај Државниот пазарен инспекторат, на терен излезе и самиот министер за економија Крешник Бектеши. Заклучи дека досега немало прекршувања на одлуката за замрзнување на цените и покрај намалувањето од 10%. Но, граѓанитете се жалат дека во малите продавници каде се продава без фискални каси сè уште ги има старите цени. Исто така, на зелените пазари, дел од овошјето и зеленчукот и понатаму се продаваат поскапо. Министерот Бектеши ги повика граѓаните да пријават случаи на злоупотреби на цените, но и случаи кога има недостиг на прехранбени производи кои со одлука мора да имаат најмалку 70 отсто од залихите од месец август.
Од големите маркети пак, се жалат дека владината мерка им го намалува профитот. Предлагаат државата долгорочно да интервенира во целата економија за да се намали зависноста од странство. Требало да се стимулира домашното производство.
Не престануваат поплаките ниту од стопанските комори од каде коментираат дека овие владини мерки ја поттикнуваат сивата економија. Тоа значи продавање на црно и без плаќање на даноци. Официјалната реакција на надлежните беше дека пред да се преземат овие мерки биле консултирани претставниците на стопанските комори кои дале дури 90 отсто од предлозите.
Инаку, мерките ќе важат до 30 ноември со можност за продолжување и проширување на листата со опфатени производи.