Претседателот на Владата, Мицкоски, во своето обраќање на годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на зачестените случаи на семејно насилство во земјава. Тој воедно го коментираше и неодамнешниот младински протест организиран против насилството врз жените.

Мицкоски посочи дека внимателно го следел протестот, нагласувајќи дека целосно ја разбира и ја прифаќа бунтовноста кај младите, како и нивните испратени пораки и ставови.

„Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци“, нагласи Мицкоски.

Тој упати директна порака до младите луѓе дека во него секогаш можат да гледаат искрен соговорник и партнер во борбата против насилството. Притоа подвлече дека во овие трагични случаи не смее да има политика или партиска припадност, без оглед на обидите на одредени опозициски кругови да најдат простор за дневно политиканство и манипулација со човечките судбини.

„Но, како општество мораме да погледнеме и подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена па и политичка култура. Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, со сеење на омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање на кал. Каков пример се дава кога се сака да се вметне недоверба, и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковината, туку затоа така се бранат себе си и своите милиони. Ние мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство“, посочи Мицкоски.

Тој на крајот заклучи дека вистинските и одржливи решенија можат да се донесат исклучиво на маса преку конструктивен дијалог.