Во Националниот археолошки музеј во Скопје денеска ќе се одржи интерактивно доживување под наслов „Светот на Хомер“. Оваа програма, која ги поврзува Хомеровите епоси „Илијада“ и „Одисеја“ со археологијата и музејските експонати, е авторска работа на археологот Василка Димитровска, сертифициран тренер за интерпретација на наследството.

Настанот е конципиран како игрифицирана програма во која учесниците ќе имаат можност да истражуваат археолошки предмети и реплики, да работат со мапи и визуелни материјали, како и да учествуваат во авторски игри. „Наместо класично предавање, учесниците ќе истражуваат археолошки предмети и реплики, ќе решаваат предизвици и постепено ќе го откриваат светот зад „Илијада“ и „Одисеја“, се вели во соопштението од Креактива.

Доживувањето ги поврзува важни локалитети како Кокино, микенската цивилизација, Троја и Пајонците, создавајќи единствена наративна целина. Во рамките на програмата се предвидени две авторски игри: „Патот на Сонцето“, инспирирана од локалитетот Кокино, и стратешката игра „Светот на Хомер“.

Настанот ќе започне во 10:30 часот и се реализира во соработка со Националниот археолошки музеј во Скопје, како дел од Европските денови на наследството. Поради интерактивниот карактер на програмата, бројот на учесници е ограничен на 15 лица.