Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе се обрати на настанот по повод потпишување на договор меѓу ЈПДП и ЕБОР за грант средства за изградба на автопат Скопје-Блаце, кој ќе се одржи во 11 часот во Свечената сала во Владата.
Вториот дел од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри, ќе го гради конзорциум предводен од градежната компанија „Гранит“
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски пред извесно време најави дека автопатот да биде изграден за 3,5 години. На него ќе има пет тунели, две галерии, 12 мостови, околу 40-тина објекти заедно со помалите.
Според Николоски, изборот на „Гранит“ за изведувач, е сигнал за целиот градежен сектор во државава дека можеме да градиме големи инфраструктурни проекти.
– Почнуваме изградба на нов автопат. Во текот на ова лето започнува да се гради автопатот Скопје-Блаце. На денешната средба со директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу бевме информирани дека е завршена постапката за избор на изведувач за изградба на автопатот Скопје-Блаце. Избран е конзорциум предводен од компанијата Гранит. После подолг временски период една домашна македонска компанија ќе гради голем инфраструктурен проект, изјави Николоски кон средината на минатиот месец.
Автопатот Скопје-Блаце е во вкупна должина од 12,5 километри, а од мај 2020 година на терен се одвиваат активности за првата фаза, во должина од 2,5 километри.
Автопатот е витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. За да се забрза изградбата, беше поделен на две делници: едната од граничниот премин до клучката Блаце, а другата од клучката кај спортскиот аеродромот „Стенковец“ до селото Блаце. Но, за шест години се изградија само два километри, кои не беа во функција бидејќи завршуваа во провалија. Косово го изгради неговиот дел од автопатот „Арбен Џафери“ од Приштина до граничниот премин „Блаце“, во должина 65 километри за шест години и тој е во функција веќе седум години
-Овој Коридор е исклучително значен зашто Македонија ја поврзува со Косово и со Црна Гора, на дневна основа многу патници поминуваат по него, а со поврзувањето и со Косово и со Црна Гора се отвора уште едно пристаниште за македонскиот бизнис, за македонското стопанство, тоа е пристаништето во Бар – истакна Николоски минатиот месец.
