Портпаролот на Иран тврди дека Ормускиот теснец не е целосно затворен
Иран ги негираше тврдењата дека го блокирал Ормускиот теснец, витална рута за извоз на сурова нафта, јави ДПА.
Портпаролот на иранските вооружени сили, Аболфазл Шекарчи, синоќа на државната телевизија изјави дека теснецот не е затворен.
– Сите бродови имаат дозвола да поминат, освен американските и израелските бродови. Тие немаат работа таму, рече Шекарчи.
Тој сепак призна дека во време на војна е невозможно да се гарантира дека сите бродови ќе избегнат проблеми.
Според американските воени набљудувачи, сообраќајот во Ормускиот теснец е намален за околу 90 проценти. Американскиот институт за проучување на војната наведува дека Иран ќе продолжи да се обидува да го попречува превозот низ теснецот, користејќи ги своите воени капацитети.
Дејствијата во Ормускиот теснец се дел од стратегијата на Иран да ги наметне трошоците од војната врз земјите од Персискиот Залив, забележува ДПА.
Теснецот претставува најважната стратешка точка за светската трговија со енергенси, бидејќи е единствената врска помеѓу Персискиот Залив и светските океани.
Главните производители на нафта и природен гас, меѓу кои Иран, Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт, Катар, Бахреин и ОАЕ, завират токму на ова подрачје, што ја прави контролата на теснецот од критично значење за глобалната економија.
