Иранската војска упати остра порака до САД, предупредувајќи дека секој обид за копнена инвазија би имал тешки последици и би завршил катастрофално за американските сили.

„Американските трупи би станале добра храна за ајкулите во Персискиот Залив“, изјави потполковник Ебрахим Золфагари, портпарол на Централната команда „Хатам ал-Анбија“, пренесе иранската државна телевизија PressTV.

Тој додаде дека иранската војска „ги брои моментите“ до евентуален судир и е подготвена решително да одговори доколку се реализираат заканите за копнена операција.

– Трамп постојано му се заканува на Иран со копнени операции и окупација на острови во Персискиот Залив. Ова не е ништо повеќе од сон – изјави Золфагари, додавајќи дека таков потег би завршил со „срамно заробување и исчезнување на агресорот“.

Предупредувањето доаѓа по медиумските извештаи дека Пентагон подготвува планови за копнени операции во Иран, доколку тековната кампања на бомбардирање не ги постигне целите.

Иран во меѓувреме ги засилил одбранбените позиции низ земјата, особено долж границата со Ирак, каде се наоѓаат американски бази, како и во регионот околу Ормускиот теснец.

Золфагари упати и лични критики кон американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го „најголемиот лажго“ и „несигурен човек“ кој, според него, ги вовел американските сили во „мочуриште на смртта“.