Стратешкиот воден пат останува напнат поради војната во регионот
Иранската револуционерна гарда соопшти дека внимателно ги следи американските активности во Ормускиот теснец, по изјавата на американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, дека морнарицата се подготвува да придружува трговски бродови низ стратешки важниот теснец.
Портпаролот на гардата, Али Мохамед Наини, рече:
„Ги чекаме. Препорачуваме Американците, пред да донесат какви било одлуки, да се сетат на инцидентот од 1987 година со американскиот супертанкер Бриџтон и танкерите што неодамна беа цел на напад.“
Во јули 1987 година, супертанкерот Бриџтон, кој пловеше под знамето на САД, беше погоден од мина додека беше придружуван од американската морнарица. И покрај тоа што бродот почна да се полни со вода, сите 26 членови на екипажот останаа невредни, а танкерот успеа да стигне до пристаништето во Кувајт со намалена брзина.
Тогашниот ирански премиер, Мир Хосеин Мусави, оцени дека инцидентот нанел „непоправлив удар врз политичкиот и воениот углед на Соединетите Американски Држави, како и врз кредибилитетот на американската политика во Заливот“, бидејќи Вашингтон претходно тврдеше дека мините биле деактивирани.
Одговорот на Техеран на нападите
На 28 февруари, САД и Израел извршија воздушни напади врз Иран. Во одговор, Техеран испука ракети кон Израел, Кувајт, Бахреин и други земји од Блискиот Исток, продолжувајќи го тензионираниот конфликт во регионот.
