Малата подморница „Титан“ со пет лица којашто вчера тргна да нурне до потонатиот брод „Титаник“, на дното на Атлантскиот океан, еден час и 45 минути по нуркањето изгубила контакт со матичниот брод „Полар принц“, пренесува Слободен Печат.

Оттогаш, потрагата по исчезнатата подморница е во тек.

Крајбрежната стража на Бостон, која ја предводи операцијата за пребарување, на Твитер објави дека подморницата Титан влегла во океанот и екипажот на Поларниот принц изгубил контакт со нив околу еден час и 45 минути по нивното потопување.

Спасувачите веруваат дека подморницата во тоа време била на приближно 1.450 километри од брегот на Кејп Код.

Како што пишува Би-Би-Си, контраадмиралот на американската крајбрежна стража Џон Могер вчера изјавил дека е голем предизвик да се изврши пребарување во толку оддалечена област.

Според Могер, потрагата се одвива во два дела. Станува збор за површинско пребарување, во случај Титан да се вратил на површината на океанот, но некако да ја изгубил комуникацијата, а вториот тип на пребарување на кој прибегнале е потрагата по подводни сонари.

Што се однесува до површинската потрага, крајбрежната стража испрати два авиони Ц-130 Херкулес да ја бараат подморницата на површината на водата, на кои им се придружија канадски Ц-130 и авион П8 опремени со подводен сонар.

Могер изјави дека ќе им треба дополнителна експертиза за да ја спасат подморницата доколку ја најдат под вода и ќе побараат помош, вклучително и од американската морнарица.

Компанијата што го организира патувањето, OceanGate Expeditions, информираше дека ги истражува и ги мобилизира сите опции за да обезбеди безбедно враќање на екипажот.

На својата веб-страница наведуваат дека мисијата за посета на Титаник е во тек од 12 до 20 јуни. Подморницата е дизајнирана да може да однесе пет луѓе на длабочина од 4000 метри, а вкупно со пет луѓе може да остане под вода 96 часа.