Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел упати јавен повик следен шеф на државата да биде жена. Таа смета дека е дојден моментот за ваков историски чекор кога актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ќе го заврши својот втор петгодишен мандат следниот март.
„Постојат 77 години историја на Сојузна Република Германија, а никогаш немало жена за претседател“, рече Меркел.
Говорејќи во интервјуто на ток-шоуто Bestbesetzung на МагентаТВ, таа порача дека секој политички чинител треба отворено да се запраша дали сега не е вистинското време за таква промена.
„Познавам луѓе кои се веќе родени, а кои се жени, и кои би можеле да го направат тоа“, нагласи Меркел.
Иако одби да посочи конкретни имиња на кандидатки, нејзиниот став отвори широк дијалог во германската јавност. На 30 јануари, новиот шеф на државата ќе биде избран од страна на Сојузното собрание, специјално привремено уставно тело што се состанува на секои пет години со единствена цел за избор на претседател.
Во рамките на германските политички партии веќе течат интензивни подготовки и лобирања. Лидерот на баварската сестринска партија ЦСУ, Маркус Седер, со месеци води кампања функцијата на Штајнмајер да ја преземе претседателката на баварскиот покраински парламент, Илзе Ајгнер.
Покрај неа, во конзервативниот блок се споменуваат уште неколку истакнати личности, меѓу кои се претседателката на националниот парламент Јулија Клекнер, министерката за образование Карин Прин, како и поранешната лидерка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер.
