Обвинителите се сомневаат дека бизнисменот Артур Шеху користел фалсификувани документи за сопственост при продажбата на имотот на компанијата „Албанија ленд девелопмент“, инвеститор во проектот.

Албанското Специјално обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) отвори истрага за земјиштето во близина на Валона, каде компанија поврзана со Џаред Кушнер планира изградба на луксузен туристички комплекс вреден повеќе милијарди евра.

Обвинителите се сомневаат дека бизнисменот Артур Шеху користел фалсификувани документи за сопственост при продажбата на имотот на компанијата „Албанија ленд девелопмент“, инвеститор во проектот во кој учествува и „Сазан риал естејт девелопмент“, фирма поддржана од Кушнер.

Според документите на СПАК, земјиштето било продадено за околу 110 милиони евра, но обвинителството наредило парите да бидат замрзнати на нотарска сметка, со што трансакцијата е стопирана.

Шеху, кој живее во Мајами, е баран во Албанија под сомнение за перење пари стекнати од трговија со дрога. СПАК тврди дека постојат сомневања дека тој и негови соработници користеле незаконски стекнати средства за купување земјиште, создавале лажни сопственички документи или ја зголемувале вредноста на имотите преку спорни постапки.

Неговиот адвокат Кујтим Чакрани ги отфрли обвиненијата, тврдејќи дека Шеху не е поврзан ниту со трговија со дрога ниту со фалсификување документи. Тој наведува дека семејството на Шеху го поседувало земјиштето уште од времето на Отоманската Империја и дека продажбата била законска.

Од СПАК нема обвиненија за незаконско постапување против Џаред Кушнер, неговите компании или други инвеститори. Нема ниту докази дека купувачите знаеле за сомневањата против Шеху во моментот на купувањето. Од „Сазан риал естејт девелопмент“ соопштија дека веруваат оти трансакцијата била спроведена согласно законите и процедурите.

Проектот е планиран во областа Звернец, кај Валона, регион познат по недопрените плажи, шуми и мочуришта во кои живеат фламинга и морски желки. Локалните жители повеќе од една деценија го оспоруваат правото на сопственост на Шеху. Тие тврдат дека поседуваат имотни листови и даночни документи кои докажуваат дека земјата им припаѓа ним.

Новата истрага дополнително ја усложнува иднината на проектот, кој веќе е оптоварен со спорови за сопственоста, протести и критики поради можните последици врз природата.

Тагови: албанија, валона, звернец, џаред кушнер, иванка трамп, артур шеху, спак, истрага, земјиште, луксузен комплекс, протести, животна средина, имотен спор.

Извор: Плусинфо