Девет лица загинаа во пожарот на одделението за интензивна нега во романската ковид-болница во Констанца, а како што потсетува „Ројтерс“, ова е трет сличен случај за помалку од една година во Романија.
Според Инспекторатот за итни ситуации, пожарот избил на првиот кат на зградата, а засега не е познато дали избил на одделението или во лекарска ординација, пренесува “digi24.ro”.
Пожарот ќе биде истражен и целиот случај ќе се води како кривично дело повеќекратно убиство, рекол извор од судството за новинската агенција “Адјепрес”. Тим од инспектори е на местото на несреќата по налог на канцеларијата на обвинителството во Констанца.

Од Министерството за здравство изјавиле дека во болницата имало 113 пациенти за време на пожарот, вклучувајќи и 10 на одделението на интензивна нега. Тимовите за итни случаи инсталирале мобилна единица за тријажа во близина на болницата, а 50 пациенти досега биле евакуирани и префрлени во други болници.

Во романските болници од вчера се лечат повеќе од 12.100 пациенти заразени со коронавирус, вклучувајќи и 315 деца. Од тој број 1.364 се на одделението за интензивна нега.
Во февруари во пожар во ковид-болница во главниот град Букурешт настрадале четири пациенти. Минатиот ноември, 10 лица настрадале на одделението за интензивна нега во окружната болница во градот Пјатра Њамц.
Дури и пред пандемијата, романскиот здравствен систем бил под притисок, проследен со корупција, неефикасност и исполитизиран менаџмент. Оваа држава има една од најслабо развиените здравствени инфраструктури во ЕУ.

Во последните 3 децении Романија изградила само една болница, најмалку троши на здравствена заштита во ЕУ,а десетина илјади лекари и медицински сестри емигрирале.