Истражување за слабите резултати во основното образование

Слабите резултати на учениците во основното образование, особено во читањето со разбирање, беа во фокусот на научна презентација одржана во Институтот за социолошки и политички истражувања. На настанот беа претставени резултати од истражување кое ги анализира факторите што влијаат врз постигнувањата на учениците на меѓународните тестирања.

Како што соопшти Институтот, главната цел на истражувањето била да се утврдат причините поради кои учениците од основните училишта во земјата постигнуваат слаби резултати.

Истражувањето било спроведено во март и април 2025 година, во 10 училишта во две скопски општини. Опфатени биле 1.288 ученици, од кои 703 од четврто одделение и 585 од осмо одделение. Примерокот бил намерен, а тестирани биле сите присутни ученици од овие одделенија.

Била изработена симулација слична на меѓународните тестирања, при што биле анализирани повеќе независни варијабли.

„Во истражувањето настојувавме да ги испитаме начините на кои учениците читаат, разбираат и одговараат на прашања, но и како ги изразуваат своите ставови и мислења поврзани со одредена тема и конкретен општествен проблем. Се надеваме дека резултатите и сознанијата од проектот ќе придонесат за подлабоко разбирање на предизвиците и ефектите од основното образование во државата“, се наведува во соопштението на ИСППИ.

Загрижувачки резултати и пад на квалитетот

Резултатите од истражувањето покажуваат загрижувачки состојби. Сè поголем број ученици читаат, но не го разбираат прочитаното. Истовремено, тие сè потешко ги искажуваат своите мислења и имаат проблем да влезат во дискусија за текстовите.

Учениците одговарале на шест прашања поврзани со два раскази, од кои едниот бил со позната, а другиот со непозната содржина.

„Еве неколку заклучоци – генерално резултатите се слаби и може да се констатира дека со генерации опаѓа квалитетот на образованието во основните училишта. Денешните ученици од четврто одделение се значително послаби од учениците од осмо одделение, но заклучокот е дека кога овие ученици од четврто одделение ќе стигнат во осмо одделение, ќе бидат уште послаби од сегашните осмооделенци“, вели Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Истражувањето покажува дека учениците кои помалку читаат книги и не се занимаваат со спорт, а поминуваат повеќе време на телефон, постигнуваат значително послаби резултати.

Препораки за подобрување на состојбата

Стручњаците посочуваат дека во основните училишта треба да се применуваат повеќе техники за развој на вештините кај учениците.

„Во основните училишта, од четврто до осмо одделение, потребно е да се работи на повеќе пристапи: учениците да слушаат, читаат, раскажуваат, дебатираат и да научат да изградат сопствен став. Преку дијалог и решавање задачи во рамки на наставата, тие треба да се изложуваат на различни текстови“, истакнува Петар Атанасов.

Професорите апелираат дека е потребно што побрзо да се преземат мерки. Иако наставните програми се добро поставени, според нив недостасува нивна поефикасна примена.

Тие нагласуваат дека наставниците треба да имаат поактивна улога, дигитализацијата да се користи умерено, а фокусот да се насочи кон класичното образование со книги и текстови.

Истражувањето го реализирал тим од ИСППИ составен од проф. д-р Петар Атанасов како раководител, м-р Љуан Имери, Сафет Балажи и доц. д-р Јован Близнаковски.