Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците/оштетените и можност да го повтори делото.
На 3 мај, во маркет лоциран на улицата „Ѓорче Петров“ во Куманово, затекнат при кражба од страна на вработен во обезбедувањето на маркетот, осомничениот 30-годишник употребил сила и сериозна закана дека ќе нападне врз неговиот живот и тело со намера украдените предмети да ги задржи. Имено, тој со употреба на сила и алат ја отворил влезната врата од маркетот, влегол внатре и од една од касите одзел парични средства во износ од 79.200 денари во различни апоени и една банкнота од 50 евра, како и една картонска кутија со цигари од разни марки. При излегување од објектот бил затекнат од страна на обезбедувањето, и во моментот кога вработениот од обезбедувањето го фатил за левата рака, осомничениот од десната ја испуштил кутијата со цигарите и извадил нож со кој замавнал кон вработениот. Поради ова вработениот во обезбедувањето му ја пуштил раката, по што осомничениот се дал во бегство.
На 4 мај во населбата Перо Чичо, во местото викано „Чешмиче“ во Куманово, осомничениот сериозно се заканил дека ќе нападне службени лица при вршење работи на јавната безбедност што се однесувале на фаќање на сторител на кривично дело. На двајцата полициски службеници кои се обиделе да го уапсат по извршената разбојничка кражба им се заканил со нож, па тие испукале еден предупредувачки истрел во воздух.