Доколку денеска би се одржал референдум на прашањето дали би поддржале приклучување на земјата во Европската Унија, 68 насто од граѓаните на Македонија би одговориле потврдно, покажува анкетата на јавното мислење на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, спроведена во земјите од Западен Балкан. Ист е процентот и на граѓаните во Босна и Херцеговина. Поддршката е најголема во Албанија, со дури 92 проценти. На таков референдум, според анкетата на ИРИ, во Србија 40 насто од граѓаните би дале позитивен одговор.
„Силна поддршка за членството во ЕУ“
„Постои силна желба низ Балканот за зајакнување на врските со западните економии и за приклучување кон ЕУ. Оваа широка поддршка покажува дека луѓето од целиот регион веруваат дека натамошната интеграција во Европската Унија може да помогне за постигнување одржлив просперитет“, вели Пол Мекарти, директор за Европа во ИРИ.
Според мултинационалното истражување за Западен Балкан, големо мнозинство во пет од шесте држави каде е спроведена анкетата руската агресија против Украина ја смета за неоправдана. Во Србија пак, речиси половина од анкетираните целосно или донекаде ја оправдуваат Русија.
„Нападите на Русија врз Украина неоправдани“
„Иако овие бројки се претежно позитивни, српските одговори се вознемирувачки. Доколку мирот и безбедноста се долгорочни цели на Балканот, подобра опција за Србија ќе биде да ги отфрли руските предлози и да изгради посилни врски со Западот“, рече Мекарти.
За граѓаните приоритети се економските прашања. Освен Албанија, каде што невработеноста беше главен проблем, високите цени и трошоците на живот претставуваат најголема грижа за граѓаните во другите пет земји од Западен Балкан. Покрај тоа, во сите шест држави, корупцијата се појави како еден од првите три приоритетни проблеми. Анкетата на ИРИ е спроведена од втори февруари до петти март. Податоците се собрани преку интервју лице в лице, на примерок меѓу 1.036 и 1.238 граѓани во зависност од државата.
Извор: МРТ